Во колажот на неуспешното работење на Локалната самоуправа Охрид,  посебно и врвно место има секторот за Локален економски развој и туризам на Општина Охрид, велат од општинската ВМРО-ДПМНЕ, од каде додаваат дека работењето на секторот во изминатите 8 години го одбележале неспособност и од бројни необјасливи проекти.

– Посебно остана необјаснето, но може да биде дополнително испитано , што всушност се случуваше со проектот „Духот на Охрид“  и дали се подметнуваа  ГИС апликациите на приватна фирма на близок роднина на Раководителот на Секторот ЛЕР во разни проекти. Заради манипулациите со овие проекти  Охрид  е речиси исклучен од многу од програмите на меѓународните организации и фондови, рече на денешната прес- конференција портпаролот на ОК на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Митровиќ.

Митровиќ ги нарече манипулации информациите кои се пласираат во јавноста околу аплицирањето на секторот до меѓународни фондови и дека тие претставуваат обид за алиби на ОПШТИНАТА ОХРИД  и обид да се покрие  срамот и злоупотребата на средствата од Општината, нанесен со скандалот со брошурата која со стари податоци и стари фотографии се презентирал на светски туристички саем. 

–    Општината мора да и објасни на јавноста каде се слеваат околу 3 милиони денари буџетски средства годишно од програмите за туризам и ЛЕР кои се одвојуваат само за пропаганден материјал, кога се гледа дека парите се потрошени, а  се промовира стар материјал. За таквиот скандал мора некој во Општината да понесе одговорност, иако во Локалната не го знаат значењето на тој збор, изјави Митровиќ.

Како што беше кажано на прес- конференцијата, евидентно е дека парите на програмите за ЛЕР и туризам се користат само за патувања, дневници и репрезентации.  Според ВМРО- ДПМНЕ, во изминатите осум години единствена активност на Општината на полето на туризмот била Ѓомлезијадата, за чија организација не веруваат дека чинела 11 милиони денари колку што просечно изнесува целиот буџет на Секторот ЛЕР и туризам годишно.

Од ВМРО- ДПМНЕ велат дека работењето на Секторот ЛЕР мора  да биде и ќе биде  предмет на посебна ревизија за тоа како Охрид од туристички центар е сведен на еден Дух и една Ѓомлезијада.

Одговорноста за, како што велат од партијата, тоталното фијаско на туризмот во Охрид, ја гледаат кај градоначалникот Александар Петрески.

OhridNews