Отстапките кои ги прави СДСМ се исклучително опасни по иднината на Република Македонија, а цената на уцените, на крај нема да ја плати само Заев и СДСМ, туку Република Македонија, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Според нив, излези од оваа состојба, како што велат, во која е доведена во прашање иднината на земјата, има два.

– Првиот е одржување на брзи вонредни избори. Зоран Заев смета дека рејтингот на СДСМ пораснал со прифаќањето на платформата и заради тоа го повикуваме да поддржи нови избори и да излезе пред граѓаните за да ја побара нивната поддршка. Факт е дека граѓаните на минатите избори не гласаа за платформата од Тирана и природно и очекувано е тие да се изјаснат, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Од партијата, вториот излез го гледаат во тоа да СДСМ јавно се откаже од платформата.

– ВМРО-ДПМНЕ го повикува СДСМ да ја отфрли платформата и да го послуша мислењето на граѓаните. Доколку СДСМ отстапи од политиката која е спротивна на државните и национални интереси, ВМРО-ДПМНЕ со своите 51 пратеник ќе ги поддржи да формираат Влада, нагласуваат од ВМРО ДПМНЕ.

OhridNews