На денешното писмено соопштение на СДСМ реагираа и од охридскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

-Да читаш и да не поверуваш, за жал СДСМ никогаш не сфати и не научи  кое е значењето на името Македонија и за жал со денешното соопштение испратено до медиумите по кој знае кој пат потврди дека тие се тотално анти-македонски, анти- патриотски и антинационално настроени. Господа од СДСМ доколку барем еднаш разберевте дека Македонија е на Македонците дека таа е земјата во која ние растеме, живееме и дека  таа е  тлото на  нашите предци и идните поколенија  никогаш немаше  вака јавно да се бламирате и да ја понижувате нашава мила држава Македонија. Но, вие  негодувајќи со излагањето на градоначалникот Никола Бакрачески на последната седница на Советот кој по „зачудувачки“ бурните реакции на вашите советници, објасни зошто е потребно и добро кејот „Маршал Тито“ во Охрид да се преименува и да го носи светото име Македонија, покажавте дека за вас се многу позначајни уште не доволно испитани историски личности од нашава Македонија, пиштува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се појаснува дека ВМРО ДПМНЕ нема ништо против личностите кои се дел од историјата но за нив Македонија и македонскиот народ се пред се.

-Тоа е разликата меѓу нас  и вас. Ние секогаш се бориме за Македонија  која е и ќе биде  единствена, самостојна и независна држава со свој идентитет и никогаш нема со своите постапки како вас да станеме лесен залак и партнерска „маша“ за соседните земји  на кои со вакви соопштенија им дозволувате да удираат по  грбот на Македонија и Македонскиот народ. Но очигледно  за вас од СДСМ, се што е врзано  со именката Македонија предизвикува чувство на иритација и немир па мора да се демантира и омаловажува, велат од охридскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму додаваат дека желбата на ВМРО- ДПМНЕ и градоначалникот Никола Бакрачески е секогаш да укажува на фактот дека ние живееме и ќе живееме во држава која се вика Македонија, која има своја историја, свои револуционери, свое минато, сегашност и иднина.

-Целата  сегашна политичка борба на ВМРО-ДПМНЕ е насочена кон не уништување на македонското име, народ и нација она за што се бореле нашите славни македонски револуционери. Се што е врзано за името Македонија укажува на слободата, независноста и самостојноста на државава која е добиена со борбата на нашите револуционери и ние никогаш нема да дозволиме истата да биде уништена. Токму затоа за нас е секогаш оправдано и јасно дека Македонија е света именка  која има предност пред секоја друга. Токму затоа за нас вашиот став дека кејот е подобро да се вика Маршал Тито, а не Македонија е најголема лудост, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.         

OhridNews