Над 25.000 граѓани за три часа, ставија потпис на иницијативата за одложување на пописот, што викендов ја покрена ВМРО ДПМНЕ, соопшти опозициската партија.

На над 300 пунктови во државата граѓаните масовно излегоа и без страв го кажаа својот став. Граѓаните му ја упатија пораката на Заев. Доколку Зоран Заев има барем малку доблест по пораката која му ја упатија граѓаните, ќе го повлече Законот за попис. – велат од ВМРО ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ бара да се организира електронски попис. Само така ќе се добие реална слика за бројот на населението, густината, верската, етничката и друг вид на припадност, смета партијата.

Со спроведување на електронски попис државата ќе има јасни податоци врз основа на кои ќе може да се прават среднорочни и долгорочни стратегии. Заев веднаш да се откаже од фалсификат попис. Народот ја испрати пораката. – соопшти ВМРО ДПМНЕ.

За СДСМ ова се очајни  обиди на Мицкоски за собирање на партиски потписи, кои нема да го спречат одржувањето на пописот.

ВМРО-ДПМНЕ продолжува со својата деструктивна и крајно неодговорна политика да работи против граѓаните и против државата. Во време кога државата, по речиси 20 години се подготвува за попис на населението, ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски се обидува да ја закочи и саботира оваа статистичка операција.  Иницијативата за собирање партиски потписи против Законот за попис нема да го спречат овој процес важен за граѓаните и за иднината на државата. – велат од СДСМ.

Според владејачката партија ваквиот потег на Мицкоски е само за внатрепартиска употреба.

Пописот кој ќе се одржи оваа пролет, ќе биде спроведен согласно сите меѓународни стандарди и конечно, како држава ќе имаме целосни, прецизни и релевантни податоци кои ќе послужат за креирање на издржани долгорочни политики за развој. – се вели во реакцијата на СДСМ.

OhridNews