Министерството за образование големо внимание посветува на воспитно образовниот  процес што се рефлектира преку едно постојано, реформско движење чии резултатите се видливи, рече на денешната прес конференција Никола Тренески, претседател на комисијата за образование при ОК на ВМРО- ДПМНЕ.

Тренески ја потсети јавноста на, како што беше потенцирано, дел од активностите и реформите кои во изминатиот петгодишен период биле реализирани од страна на министерството за образование.


Воведувањето деветтолетка, задолжително средно образование, бесплатни учебници за основно, средно гимназиско и стручно образование, вооведување матурски испит, бесплатно сместување и превоз на ученици , воведувањето на еден задолжителен светски јазик од прво одделение, компјутеризација во наставниот процес, електронски дневник, усовршувањето на стручни кадри, отворање факултети, градење спортски сали и насочување на младите кон спорт, а не кон девијантно однесување- се само дел од превземените активности на министерството, рече Тренески .

Тој нагласи дека стандардот на наставниците се подобрува во континуитет и додаде дека тука не завршува инвестирањето во образовниот процес во Македонија.

Во изработка е програма за наредниот период, по чие завршување ќе бидат познати новите активности кои ќе се превземаат во сферата на образованието  со оглед дека образованието, како основна алка за напредок на општеството, е приоритет на оваа влада, истакна Тренески.

OhridNews