
„Го потсетуваме Зоран Заев дека за истите конструкции беше испратено официјално соопштение од страна на Владата на Република Македонија, во кое јасно беше одговорено дека Никола Груевски не поседува никаков друг имот надвор од оној кој е пријавен во неговиот анкетен лист, а кој е и јавно објавен. Ваквите наводи на Заев и тогаш и сега се целосно измислени и невистинити“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ откако претходно опозициската партија повторно емитуваше телефонски разговори за кои тврди дека се договори меѓу премиерот и министерот за транспорт за приватизација на плацеви.
„Веќе и самиот Заев е свесен дека неговата деструктивна политика не минува ниту кај неговото членство, а уште помалку кај граѓаните, па продолжва да се дозаглавува во сопствените манипулации. Тој многупати досега покажал дека материјалите кои ги објавувал се сечени, лепени, прилепувани, монтирани и ставани во манипулативен контекст. Впрочем, тоа СДСМ го призна и во свое партиско соопштение“, велат од владејачката партија и додаваат дека станува збор за обид на Заев да дојде до власт без поддршка од народот, без избори, со помош на странски центри и соработници, веќе е прочитан.
Според нив, очигледно е дека Зоран Заев станува „сé понервозен кога од сите страни се потврдува неговата соработка со надворешни центри кои не и мислат добро на Македонија, кога постојат признанија од лицата кои учествувале во нечесниот чин, а кои директно соработувале со Верушевски, и на крајот на краиштата кога самите граѓани му покажуваат дека ваквите ниски обиди не се прифатливи за нив“, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
OhridNews
Извор:„Макфакс“












