Локалната власт и градоначалникот се селективни во спроведувањето на законите, обвинува опозициската ВМРО ДПМНЕ, по објавувањето на информациите дека од месец март во Градиште се гради потпорен ѕид на плажа веднаш до самото езеро. Партијата уште го обвини првиот човек на градот дека не ја говори вистината, откако тој, вчера, јавно изјави дека градбата нема дозвола и дека е издадено решение за отстранување.

Ако се почитуваат законските процедури за да се отстрани ѕидот до самото Охридско Езеро во Градиште, а се ближи и крајот на месец мај, тогаш зошто тоа не е направено и отстрането во предвидениот рок од општина Охрид? Тука е вашето лицемерие затоа што во целиот мандат освен селективни решенија за рушење повеќе храборост не видовме. Јавноста е сведок дека не срушивте ниту еден објект. Дали тоа го правите свесно и намерно сакајќи да помине Законот за легализација предложен од вашата партија? – прашува ВМРО ДПМНЕ.

ВМРО ДПМНЕ бара општината веднаш да пристапи кон уривање на спорниот ѕид.

OhridNews