Општинската ВМРО – Народна партија реагира, како што вели, на однесувањето на Државниот просветен инспекторат и Министерството за образование и наука, чии вработени изминатите неколку седмици секојдневно се во посета на училиштата во Охрид и наоѓаат забелешки во процесните планирања на наставниот кадар, кои наводно не испланирале техники во програмата за работа за учебната 2013/2014 година.
– Сакаме да го потсетиме Државниот просветен инспекторат, како и Министерството за образование и наука дека тематско – процесните планирања се прават во август и септември и се составен дел од секоја програма за работа на секое училиште за тековната учебна година. Тие програми поминуваат низ еден филтер кој го предвидел законодавецот односно Владата, под чија капа е и самиот инспекторат. Програмите се усвојуваат на училишен одбор, па од тука одат на усвојување во советот на општината. По усвојувањето, програмите се доставуваат до Бирото за развој на образованието и од тука се препраќаат до Министерството за образование и наука. Доколку инспекторатот имал некакви забелешки, требало да реагира во фазата на усвојување, а не на ваков начин како што прави во изминативе седмици и месеци, велат од општинската ВМРО-НП.
Оттаму, додаваат дека начинот на кој што се практикуваат овие забелешки на испекторатот и надлежното министерство не е ништо друго освен назадување на процесот на образование и оттргнување на основната смисла на образовниот процес, односно пренесување на знаењата од наставниците на учениците.
– Ова претставува класичен пример за мобинг и заплашување на наставниот кадар во кој што сме сигурни дека професионално и со големи знаења си ја врши работата. Наставниците секојдневно се под притисок кој ќе им влезе на час додека предаваат и каква казна ќе добијат. Ваквото однесување и притисок врз наставниците се белег на друг недемократски систем, велат од ВМРО-НП.
Од партијата го повикуваат и потесетуваат СОНК дека негова основна задача е да ги брани интересите на просветните работници, а не да биде продолжена рака на власта. Од ВМРО-НП потенцираат дека синдикатот треба да застане на страната на наставниците и заедно да се изборат за нивните права.
OhridNews