Никола Груевски во август во 2008 година на поставувањето на камен темелникот за изградба на социјални станови во Охрид изјави дека мултинационална компанија ќе започне со изградба на фабрика во Охрид. До крајот на септември или почетокот на октомври истата година, како што тогаш Груевски изјави, требаше да бидат финализирани деталите околу изградбата на фабриката во која, според него, требаше да се вработат околу 1000 граѓани. Охриѓани, денес, во 2012 година, се уште ја чекаат таа инвестиција и новите 1000 работни места. Не само што не е отворена нова фабрика во Охрид, туку и постоечката ЕМО – Охрид која во времето на владата на Љубчо Георгиевски беше трета компанија по годишен обрт на средства во Македонија, сега е речиси затворена со дваесетина неисплатени плати на вработените, велат од општинската ВМРО- Народна партија.

Викендов, Никола Груевски повторно најави изградба и тоа на 3 фабрики во Тетово, Струга и Скопје. Сакаме да го запрашаме премиерот кога ќе бидат финализирани преговорите со новите компании? Дали отворањето на овие фабрики ќе биде на ист начин како онаа во Охрид? Дали на истиот начин ќе се отворат нови работни места? Доколу премиерот оди по охридскиот пример на отворање нови фабрики, нека не ги оптоварува граѓаните на Република Македонија со некакви виртуелни инвестиции кои ги има само во вид на ветувања во медиумскиот простор. На крај, ДПМНЕ и Груевски еднаш да одговорат, каде се наоѓа Охрид во нивната агенда?! Што мислат да прават со Охрид?! Знаат ли дека и Охрид припаѓа во Република Македонија?!, прашуваат од ВМРО- НП.

OhridNews