ВМРО- НП изразува незадоволство околу досегашниот тек на реконструкцијата на старото крило од охридската болница. Како што потенцираат од партијата, тие уште пред почетокот на градежните работи укажале дека е подобро да се изгради ново крило од болницата на просторот со кој располага здравствената установа, а стариот дел во меѓувреме додека се изгради новиот дел да продолжи да функционира. Со тоа, пациентите не би трпеле поради нефункционирањето на одделенијата сместени во делот кој се реконструира, велат од оваа партија.


– И покрај нашите укажувања, реконструкцијата почна, за сега да се покаже нестручноста и дека не се работи онака како што треба, со што е очигледно дека ќе биде надминат првично дадениот рок за зашрување на реконструкцијата од 16 месеци и таа нема да биде завршена уште најмалку две години, рече претседателот на општинската ВМРО- Народна партија, Ванчо Костоски.

Тој го повика министерот за здравство да превземе одговорност за работењето на луѓето одговорни за надгледувањето на текот на градежните работи, и да се побара кривична одговорност.

Во однос на мерките кои во моментов се преземаат од страна надлежното министерство, кое неодамна ја стопира реконструкцијата и најави целосно ревидирање на документацијата , Костоски смета дека се задоцнети.

– Најавените мерките не може за брзо време да го решат проблемот. Изгубени се година дена, за дури сега да се види дека некој не работел согласно проектот. Многу порано требаше да се види дали постоечката зграда може да ја издржи реконструкцијата или не, како и дали во текот на изведувањето на градежните работи изведувачот се придржувал кон проектот, како што тоа е пракса кај речиси секоја помала градежна фирма, рече Костоски.

Од ВМРО- Народна партија преку нивната советничка група и локалната самоуправа,  нудат стручни кадри кои би помогнале во отстранување на проблемите околу реконструкцијата.

– Ако актуелната власт нема пари бидејќи троши средства за проекти како проектот 2014, а не може да изгради еден дел од болницата, ние можеме да организираме хуманитарна акција за собирање на потребните средства, а ќе се залагаме од буџетот на општина Охрид да се издвојат средства за довршување на градежните работи за реконструкција на болницата, бидејќи не може да дозволиме министерството за здравство, ВМРО- ДПМНЕ и нивниот коалиционен партнер ДУИ да го остават Охрид уште две години без болница, истакна претседателот на општинската ВМРО- Народна партија.

OhridNews