ВМРО НП испрати отворено писмо до министерот за здравство Никола Тодоров во кое бара одговори зошто на граѓаните на Охрид им е ускратено правото да добиваат соодветна здравствена услуга поради, како што се наведува, лошо испланираната реконструкција на општтата болница. Во писмото меѓу другото сотои:

„Пред повеќе од една година Охрид е оставен без најзначајните медицински одделенија. Свесни за несреќно избраниот начин за реконструкција, а не за изградба на нова болница, погрешно избраниот и делумно реализиран проект и н сето тоа не понесувањето на никаква одговорност, како институционална така и персонална е гротеска, навредување на нашата интелегенција, неетичко, нечовечно однесување на сите фактори кои го дозволија ова да се случи. Констатираме дека кон граѓаните на Охрид, примарната обврска на државата е нереализирана. Како и зошто ние во иднина би ги остварувале нашите обврски кон државата?

Поконкретно, во  септември 2010 година започна реконструкцијата на  Општата болница во Охрид. Граѓаните  беа известени од политичките фактори и од раководниот тим на болницата дека со проект вреден 2,1 милиони евра ќе бидат реновирани четири илјади квадратни метри во период од 16 месеци. Ни ветија дека пациентите здравствени услоги ќе можат да ги добијат  во останатите објекти на Охридската болница, како и во другите здравствени установи во Охрид и во соседна Струга. (извор: МИА, Охрид, 26.08.2010) Тогаш се сомневавме дека пациентите од  Охрид ќе ги добиваат соодветните здравствени услуги, а денес тоа и се потврдува со огромното незадоволство на охриѓани за здравствените услуги во импровизираните, тесни простории во останатиот дел на болницата, во премалата боница во Струга која нема капацитет за својот град, а сега треба да ги задоволи потребите и на охриѓани и за здравствените услуги кои не ги добиваат, бидејки нема каде и од кого да ги добијат.
Како ли ја направивте проценката дека малата Општа болница во Стурга ќе може да ги задоволи потребите на Охрид, Струга и соседните општини кои бројат преку 100 000 популација? Како хируршкото одделение во Општата болнциа во Струга со 16 кревети на одделение и 2 операциони сали ќе ги задоволи потребите на оваа популација? Како гинеколошко-акушерското одделение со 24 кревети може да ги задоволи потребите на оваа популација? (извор: ОхридОн.цом 07.11.2011)
Како ли ја направивте проценката дека Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ со преку 1500 операции годишно, која можеби е и најефикасната болница во Македонија, да го зголеми својот капацитет и покрај ортопедските и трауматолошките случаи да прима и други? Каде, со која инфраструктура? Или можеби требаше да се откаже од нивната специјалност? Како ли ја дозволивте реализацијата на проект кој не ги задоволува болничките критериуми? И како не успеавте сеуште да ја лоцирате одговорноста?

Денес ние прашуваме, кој понесе одговорност за овие неодговорни одлуки, кој го изготвил ваквото решение, кој е одговорниот кој не доведе до ваква ситуација? Одговорните мора да понесат одговорност. Менаџерскиот тим на болницата и Министерството за здравство, мора да понесат институционална одговорнсот и во најкус можен рок мора да се лоцира персоналната одговорност и да се спроведат соодветни санкции. Сакаме да се дадат рокови во кој ќе се заврши реконструкцијата и уште од сега да се одредат и посочат одговорните лица во случај истот да не се реализира.

Револтот е присутен во сите нас кога со вакви квази решенија, ни го повредувате здравјето, ги газите сите етички норми за ние само да бидеме слепи наблудувачи? Не, ние сме оние кои ја градиме оваа држава и ова општество и бараме секој еден да понесе одговорност за оваа трагедија. Едноставно не можеме од страна да проследиме една ваква неспособност на соодветните институции и нивните несоодветни раководители.

Покрај незадоволството на пациентите, не се задоволни и нашите сограѓани доктори кои префрлени во други болници во никакви услови прават надчовечки напори за да помогнат во оваа невозможна ситуација.

Сакаме да знаеме како планирате Општата болница да фукционира во иднина како секундарна здравствена институција, кога во последните пет години има само три нови вработувања на млади доктори. Истите тие треба да специјализраат во наредните четири години пред да станат специјалисти. Дали имате подготвено анализа за возраста на докторите и за ситуацијата во која ќе се наоѓа болницата само со стари доктори пред пензионирање без нови млади специјалисти?  Во сите специјалности на Општата болница во Охрид имаме само постари специјалсити, нема доволно млади специјалисти и специјализанти, а нема ни да има во блиска иднина затоа што тие треба да се едуцираат неколку години претходно.  Размислувате ли вие за тој проблем? Дали после неколку години ќе имаме реконструирана болница без медицински кадар? Дали ќе имаме ситуација слична на денешната каде модерни медицински апарати како 4-Д ехографските апарати на гинеколошките одделенија во Охрид и во Струга покриени со најлони поставени во несоодветни простории нема кој да ги работи?

Зачудени од игнорантскиот однос, сакаме да ја покренеме  јавноста,  докторската фела, интелектуалната елита на Охрид и сите граѓани на Охрид  заедно да реагираме и да добиеме здравствени услуги какви што заслужува секој граѓанин.  Ние како ВМРО – Народна партија ќе продолжиме институционално да даваме предлози и да се бориме за изградба на модерна болница во Охрид во најкус можен рок“.-стои во писмото на ВМРО НП.

OhridNews