– Покрај членовите од општинскиот комитет на партијата, членови во ОИШ се луѓе кои во изминатиот период биле видни функционери во владата на Љубчо Георгиевски, денешни функционери и видни стопанственици во општина Охрид, како и млади луѓе кои поседуваат огромен потенцијал, рече Станковски. Тој потенцира дека ВМРО- Народна партија нема да води кампања со плукање и омаловажување на другите, туку како партија ќе понудат конкретни решенија за излез од тешката економска состојба во која се наоѓа земјата, како и излез од внатрешната и надворешната изолација на државата.
Претседателот на општинската ВМРО- Народна партија, воедно и шеф на Регионалниот изборен шптаб за 5- тата изборна единица, Ванчо Костоски, истакна дека најголемиот дел, односно 90% од програмата која ќе ја понуди партијата ќе е од областа на економијата.
– Ова од причина што Македонија никогаш како сега не била во потешка економска состојба. Во нашата програма ќе бидат понудени голем број конкретни решенија. Либерализација на капиталот, изедначувањето на домашниот и странскиот капитал, драстичното намалување на казнената политика во РМ согласно стандардот на граѓаните, повраток на демократијата од периодот 1998- 2002 во медиумите, политиката и секојдневното живеење, како и брзиот влез на РМ во НАТО и Европската Унија, се само дел од нив, рече Костоски.
Мирјана Крлеска, задолжена за односи со јавност во ОИШ на ВМРО- Народна партија, потенцира дека структурата на луѓето кои се дел од ОИШ е дефинирана и извршена е распределба на задолжувањата, надлежностите и одговорностите на координаторите на општинскиот штаб, се со цел за успешна реализација на изборната кампања, рече Крлеска.