Со постојани активности на терен, со позачестени прес-конференции и соопштенија на локално и на државно ниво, ВМРО-Народна партија веќе ги започна подготовките за Локалните избори кои треба да се одржат идната пролет. Од охридскиот огранок на оваа партија  велат дека сериозниот пристап кој ќе го имаат кон организирањето на предизборната кампања очекуваат да  им донесе  успешни резултати во Охрид.

-Како политичка партија веќе се подготвуваме сериозно за претстојните Локални избори. После последните настани  и одржавањето на конгресот и изборот на господинот Љубчо Георгиевски за претседател  на ВМРО-НП, партијата го доживува својот потполн сјај и веќе зазема значајно место во политичкиот живот на Македонија, како еден вид на трета политичка опција од македонскиот блок, велат од раководството на охридскиот огранок на ВМРО-НП.

Оттаму нагласуваат дека веќе размислуваат за свој кандидат за градоначалник на Охрид но дека немаат донесно конечна одлука зад која личност би застанеле.

-За сега размислуваме само за профилот на личноста која ќе ја предложиме или поддржиме за градоначалник на Охрид и секако дека тоа ќе треба да помине низ сите тела на партијата кога ќе дојде време. Според нас кандидатот кој ќе може да го освои градоначалничкиот мандат  во Охрид  треба да биде високо ценета личност во градот, да биде образована и секако да има солидно животно и работно искуство. Покрај овие особини личноста за себе треба да има и активен партиски и политички ангажман, велат членовите на раководството на ВМРО –НП од Охрид.

Тие се согласуваат со констатацијата на пошироката јавност дека предизборната кампања во Република Македонија, веќе предвреме е започната.

-На пример за ВМРО-ДПМНЕ изборите и предизборната кампања како да не престанале и тие продолжуваат со својата пропаганда, која ја туркаат  во текот на сите години од своето владеење. Ова не е во ред, не само за претстојните избори туку и за севкупното живеење. Значи наместо власта да ги решава животните проблеми на граѓаните, таа се занимава само со личниот рејтинг, сметаат од ВМРО-НП, потенцирајќи дека сето ова треба да се промени за да има фер и демократски Локални избори.

OhridNews