– Нашите информации говорат дека се врши голем притисок од страна на владини претставници кои доаѓаат во Охрид и од страна на јавната администрација за доверителите да се откажат од каматите, судските такси, од дел од главениот долг кој го има општината кон нив. Значи, најавеното намалување на долгот не се врши на партнерски начин, туку под притисок. Некој ќе потклекне, некој продолжува понатака, рече на денешната прес конференција по повод првите 100 дена од мандатот на градоначалникот Никола Бакрачески, претседателот на ВМРО- НП, Ванчо Костоски.
Во однос на превработеноста во општинската администрација, Костоски изјави дека во последните три месеци во Локалната самоуправа и во јавните претпријатија се вработиле од 80 до 90 луѓе.
– Ако има превработеност како што изјави градоначалникот Бакрачески при неговиот отчет за 100-те дена од мандатот, зошто тогаш наместо да се отпуштаат, се вработуваат нови луѓе, рече Костоски.
Претседателот на општинската ВМРО- НП се осврна и на издадената брошура за сработеното во изминатите 100 дена.Според него, поголемиот дел од наведените активности во брошурата се средби со одредени групи луѓе, што е составен дел од работењето на секоја локална самоуправа.
– Во брошурата е наведена прославата на Денот на езерото, што се одбележува повеќе од десет години, отварањето на маркетот на Рамстор , што не е заслуга на локалната самоуправа, туку е успех на комапнијата. За поздравување е асфалтирањето на пет или шест улици, но повторно тоа е составен дел од работењето на локалната самоуправа. При тоа не се презедоа активности за асфалтирање на обиколницата „Јордан Мијалков“,за изградба на затворениот пазар, катната гаража или пак затворениот базен. 95% од програмата за поставување на урбаната опрема е иста како и минатите години,а новата локална самоуправа воведе И нова давачка за поставување на урбана опрема, рече Костоски .
Од ВМРО- НП со обвинувања до новата локална власт и за стопирање на урбанизацијата.
– Околу 50-60 урбанистички решенија стојат за потпис во Министерството за транспорт и врски. Порано се кочеа зашто градоначалникот беше од друга политичка партија за да не се слеваат средства од комуналии во општинската каса и градоначалникот да прикаже прилив на средства. Но, сега градоначалникот е од нивната партија и можат да ја одблокираат стопираната урбанизација, додаде Костоски.
ВМРО- НП со понуда до локалната власт за реализација на изготвениот проект за водоснабвдување на Охрид и населените места кај Косел, за водоснабдување со нови 220 литри во секунда, вода која доаѓа по природен пат, при што би дошло до заштеда на електрична енергија за пумпите, а воедно граѓаните би се снабдувале со поквалитетна вода за пиење.