Поголемиот дел од ревизионите шахти на улицата Железничка, која од страна на Владата беше пуштена во употреба пред парламентарните избори, се пропаднати, односно дел од коловозот околу нив е пропаднат, а некои се и целосно уништени. Со месеци никој не ја санира состојбата на искршените шахти, иако тие го загрозуваат сообраќајот како и учесниците во него, велат од општинската ВМРО- Народна партија. Според нив, тоа е резултат на неквалитетната изведба и несоодветниот надзор при изградбата.

– Жардињерите меѓу коловозните ленти се премногу високи, па затоа  нема добра прегледност при вклучувањето и исклучувањето на оваа сообраќајница. На самите ракрсници нема трета сообраќајна лента со што учесниците во сообраќајот, како пешаците така и возачите, се изложени на опасност. Пред извесно време таа лошо проектирана сообраќајница ја зеде и првата човечка жртва, наведуваат од ВМРО- Народна партија.

Оттаму апелираат до надлежните од Агенцијата за патишта на Република Македонија во најкраток можен рок да превземат активности за санирање на оваа состојба.

– Нашите информации говорат дека не се санира поради тоа што Агенцијата не ги има подмирено своите обрвски кон изведувачите и подизведувачите. Доколку во најкраток можен рок не се превземат активности за санирање на сосотјбата, граѓаните и жителите на оваа населба ќе бидат приморани преку протести да го искажат својот револт. Животот на нашите сограѓани е најважен и нема да дозволиме некој да си игра со животите на нашите деца и на нашите најблиски, потенцираат од ВМРО- Народна партија.

OhridNews