Економскиот развој на охридско-струшкиот регион не може да се замисли без локалниот развој на туризмот во Охрид и Струга. Охридското Езеро во таа концепција е клучниот фактор. Затоа најголема обрска на сегашните и идни генерации е да се грижат за Охридското Езеро, истакна на денешната прес конференција Владо Цветкоски од општинската ВМРО- Народна партија. Цветкоски потсети на четирите најголеми загадувачи на езерото- реките Сатеска, Коселска, Грашница или Велгошка река и недоизграденоста на колекторскиот систем и неизграденоста на атмосферската канализациона мрежа на подрачјето на општина Охрид.
– Пратениците на ВМРО Народна Партија при утврдувањето на буџетот за 2015 година ќе се залага да се одвојат 1 милион евра за уредување на старото речно корито на реката Сатеска на потегот од село Волино, па се до сливот во реката Црни Дрим. Со тоа ќе се постигнат два ефекти. Прво, нема да се загадува езерото со фосфати и наноси кои ги носи реката Сатеска. Второ, по текот на уреденото речно корито ќе се изведат соодветни градежни објекти кои ќе овозможат зафаќање на песокот и гранулатот кој го носи реката. Песоците кои ги носи реката ќе се претворат во разни гранулации кои можат да се користат при изградба на патната инфраструктура на ова подрачје, рече Цветкоски.
Во однос на загадувањето кое доаѓа од реката Коселска, Цветкоски потенцира дека пратениците од ВМРО НП ќе побараат во новиот буџет да се одвојат дополнителни 1 милион евра, за да се изгради секундарна канализациона мрежа во селата Орман, Долно Лакочереј, Горно Лакочереј, Косел, Вапила и Ливоишта, како и да се утврдат наменски субвенции за насади од Киви и Јапонско јаболко.
– За да се елиминира загадувањето од реката Грашница потребно е да се уреди нејзиното речно корито по целата должина, почнувајќи од вливот на езерото па се до падините на Петрино. Паралелно со тоа треба да се доизгради канализационата мрежа на просторот од ул. Железничка до ул. Прилепска како и во одреден дел од село Велгошти. За таа цел од пристапните фондови на Европската унија ќе се обезбедат 3 милиони евра, додаде Цветкоски.
Цветкоски укажа и на проблемите поради недоизградената атмосферска канализациона мрежа на подрачјето на општина Охрид и недоизграденоста на колекторскиот систем.
– За да се елиминира колекторот како загадувач на езерото потребно е да се доизгради атмосферската канализациона мрежа во должина од 100 километри со што ќе се одвојат отпадните од отмосферските води. Оваа инвестиција заедно со инвестицијата за ревитализација и доизградба на колекторскиот систем ќе чини 15 милиони евра. Овие средства не може да се обезбедаат од буџетот на Република Македонија, но може да се обезбедат од пристапните фондови на Европската унија, рече Цветкоски.
Цветкоски потенцира дека целосната заштита на Охридското Езеро и ревитализација на Студеничишкото блато е можно само во време кога Македонија ќе го потпише Договорот за датум за челенство во Европската унија, со што ќе се отворат вратите на пристапните фондови од Европската Унија.
OhridNews