Во последно време сведоци сме на се поголемите притисоци врз наставниот кадар од страна на државниот просветен инспекторат, со што се повеќе се губи оној вистински благороден лик на наставникот, велат од општинската ВМРО- Народна партија.
– Наметнувањето на иновациите, кои ја гушат креативноста на наставникот, влијаат демотивирачки и секој нов училишен ден наместо да претставува мотив и инспирација за наставниот кадар, тој претставува стрес, страв од ненајавена посета на инспекторските служби кои својата некогашна советодавна улога веќе сега ја имаат претворено во тенденциозно казнена функција. Наметнувањето на разните техники кои божем претставуваат не знам каква новина, придонесуваат за еден невиден шаблонски пристап на работа кој го ускратува законското право на наставникот да биде креативен, пред се исполнет и желен да го пренесе знаењето на учениците на начин на кој што наједноставно тие би разбрале, рече на денешната прес конференција Јоне Станкоски од ОК на ВМРО- НП.
Како што додаде Станкоски, жалосно е што ваквите техники се наметнуваат од лица кои имаат најмалку стаж во воспитно-образовниот процес и непосредно не го почувствувале пулсот на учениковата личност.
– Господата од инспекторатот не може да бидат фактори кои ќе ја вреднуваат, а уште помалку пак кои ќе ги казнуваат наставниците. Пред се тие не се доволно стручни и компетентни лица за извршување на таа неблгородна задача. Не може еден час да се реализира според личната замисла на еден инспектор или наставник или било кој. Благодетот и богатството во воспитно-образовната работа е пред се креативноста на наставникот. Успех е ако еден час, односно една наставна содржина голем број наставници различно ја реализираат, според сопствени видувања прилагодувајќи се на структурата на паралелката односно учениците. Потоа не беа доволни годишни распределенија, па се наметна обврската и за месечни процесни распределенија, па евалуцаиони листи, па чек листи и. т. н. За да биде поусложнета работата (наместо да се упростува) покрај книжниот дневник сега имаме и електронски дневник, истакна Станкоски.
Според Станкоски наставникот премина во административец со што е изгубена основната негова улога, целосно вложување во наставниот процес, при што како додатно оптоварување претставува и екстерното оценување, за кое од ВМРО-НП велат дека е тотално промашен проект во образованието.
Од ВМРО – Народна партија уверуваат дека како дел од новата влада, после парламентарните избори ќе се заложат да се укине екстерното тестирање, да се врати достоинството на просветните работници, при што просветните инспектори ќе бидат коректори на наставниот процес што е и нивна основна задача, а професорите повеќе нема да имаат страв од нив со што полесно ќе се насочат кон подобро остварување на образовниот процес.
OhridNews