Не престануваат реакциите во јавноста за извршената корекција на цената на паркингот во центарот на Охрид, која деновиве беше покачена од 30 на 50 денари за еден час од страна на новите закупци. Ваквата одлука според ВМРО Народна партија е спротивна на одлуката на Советот и истата треба веднаш да се корегира.
-Според одлука на Советот на Општина Охрид, цената за паркинг простор за еден час треба да изнесува 30 денари. ВМРО – Народна партија, апелира до Локалната самоуправа да реагира до новите концесионери да ја почитуваат одлуката на Советот на Општина Охрид. Тогаш кога Советот ќе донесе нова одлука за покачување на цената на паркинг просторот, концесионерите ќе можат да ја зголемат, се вели во соопштението на ВМРО НП.
Покрај партиите негодуваат и граѓаните, особено жителите во колективните станбени згради во на ул. „Партизанска“ и кај „Ривиера“, кои со зголемување на зоната за паркинг со наплата немаат каде да ги оставаат своите автомобили. Тие реагираат дека според новите цени месечно за паркинг место треба да издвојат 6000 денари, што е исклучително висок надомест за стандардот кој го имаат македонските граѓани. Тие бараат Локалната самоуправа да ја преиспита својата одлука и да изнајде решение за нивниот проблем.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со новата цена на паркингот, градоначалникот Александар Петрески, истакна дека паркинзите под закуп ги издава јавното претпријатие „Билјанини извори“ и дека тој немал увид во цената на паркингот која била утврдена со договорот за закуп. Петрески посочи дека со одлука на Советот на општина Охрид со паркинг просторот на коловозот на улицата „Партизанска“ од потегот од Универзитетот за информатички технологии до студентскиот дом во иднина ќе стопанисува ЈП „Билјанини извори“, укажувајќи дека жителите од околните згради ќе треба своите возила да ги оставаат на паркиралиштата каде што живеат.
-Возилата од зградите треба да си се паркираат на сопствена локација. Улицата не е место за паркинг, а тој што сака да паркира на улица, нормално ќе си плати, рече Петрески.
На тема паркинг, вчера, реагираше и ВМРО ДПМНЕ, која ја обвини локалната самоуправа дека со покачувањето на цените за паркирање директно ги оптоварува граѓаните, но и гостите.
Од општина Охрид одговорија дека со регулирањето на паркирањето во централното градско подрачје, локалната самоуправа направила многу во средувањето на сообраќајниот хаос за време на главната туристичка сезона и дека таквиот потег треба да биде пофален, а не да се критикува. Во одбрана на локалната самоуправа застана СДСМ од каде сметаат дека обвинувањата на ВМРО- ДПМНЕ имаат за цел да ја дефокусираат јавноста од суровата реалност која владее во државата.
OhridNews