Вмро Народна партија реагира на наводни злоупотреби на просториите на реномираниот фестивал „Охридско лето“ во партиски цели. Партијата до медиумите достави фотографии од состанок на Унијата на жани на ВМРО ДПМНЕ од Охрид кој, како што стои во соопштението, се одржал пред два дена во просториите на „Охридско Лето“.
– Ја прашуваме директорката на фестивалот „Охридско Лето“ за што служат просториите на дирекцијата. Дали во просториите на фестивалот кој функционира од парите на граѓаните, владеачката партија треба да одржува состаноци. Наместо сега во тие простории да се работи на организацијата на фестивалот за наредното лето, во нив партиските структури на движењето ДПМНЕ си одржуваат редовни состаноци, стои во соопштението на ВМРО НП, од каде додаваат дека со вакви и слични ситуации се урива реномето на фестивалот.
Од НУ „Охридско лето“ со одговор дека развојот и успехот се единствените цели кон кои се стреми установата и дека секакво нејзино инволвирање во партиски цели е неприфатливо.
– Просториите на „Охридско Лето“, според Статутот на Установата се даваат на користење на сите заинтересирани корисници за културни и други потреби, а согласно предлог- одлуката од директорот за одредување на цени за користење на простор и инвентар од Охридско лето , Управниот одбор ја има утврдено и висината на надоместокот. Како што стои во Одлуката, НУ Охридско лето ги дава на користење просториите кои ги поседува неселективно за промоции и презентации, за коктели, конгреси, конвенции, изложби…. Тоа е транспарентна постапка која не прави доследни на заложбите да работиме согласно начелата на професионалност и неселективност, велат од НУ „Охридско лето“.
Оттаму додаваат дека секој доколку има потреба и доколку просторот соодветно одговара на неговите потреби, може да достави барање до Дирекцијата. Цената за користење на просторот е 2.000 денари.
OhridNews