Витамините, минералите и олиголементите како составни елементи на исхраната се основни суровини на клетките кои создаваат енергија која овозможува функционирање на телото. Кога енергијата поради недостаток на суровините падне под дозволениот енергетски минимум настапува болеста со сите познати симптоми. Со надоместување на енергетската суровина, здравјето како природна состојба на телото ја совладува болеста, истакнува д- р Радмила Кавај од охридскиот Центар за здравје.

При тоа, таа нагласува дека и покрај конзумирањето на зеленчукот и овошјето, неопходно е користење на додатоци од витамини и минерали.

– Најважно е да има сооднос во исхраната. Без додатоци не може да се подигне имунитетот, затоа што во последно време храната е во голема мера обезвреднета со користењето на пестициди, киселите дождови и  хормони, односно се она што ги уништува важните состојки од храната. Секоја клетка може самата да се излекува ако го има она што и е потребно, вели д- р Кавај.

Со редовно вршење на витаминско минерален тест кој се врши во центарот, се утврдува недостатокот на витамини и минерали во организмот, се утврдуваат одредени алергии како и причините за настанување на одредени заболувања.

– Со одредување на витаминско минералниот недостатоок се даваат витаминско минерални препарати, додатоци во исхраната за да може организмот да се врати во правилна насока на функционирање. Ова е многу поефикасен начин отколку да се користат антибиотици, затоа што со само една доза антибиотик се уништува цревната флора за период од три до шест месеци што доведува и до пад на имунитетот, потенцира д- р Кавај.

За имунитетот и користењето на здравата храна, во организација на Женски центар „Биисера“, вчеравечер од страна на д- р Радмила Кавај беше одржано предавање на кое присутните беа запознаени како да го зголемат својот имунитет, а со тоа и поефикасното справување со заболувањата на организмот.

OhridNews