При купувањето треба да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната; да се купува храна од проверени места, лесно расипливите продукти да се купуваат исклучиво од објекти каде што производите се чуваат уредно во разладни уреди; да се избегнува храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната); оладените или замрзнати производи да се купуваат на крајот од пазарењето; храна од видот месо, млеко и јајца да не се чува долго време во автомобили и други транспортни средства; да се одбегнува купување на оладена и смрзната лесно расиплива храна која стои надвор од ладилник или замрзнувач. Ова се советите кои ги дава Агенцијата за храна и ветеринарство поради високите температури, со цел граѓаните да спречат евентуално труење со храна.

Од агенцијата со низа совети и околу консумирањето храна. Препораките се граѓаните да консумираат храна на места кои имаат добра репутација; категорија на објекти со висок ризик во летен период се објекти за брза храна и слаткарници; доколку сте купиле топла, оладена или замрзната храна, треба што побрзо да ја донесете дома;
оладената и смрзната храна веднаш ставете ја во ладилник и замрзнувач; одбегнувајте храна која остава впечаток дека е расипана или сменила боја; проверете дали лицето кои послужува храна користи посебни штипки за различни видови храна; во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник и тоа: мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и сл.

Ако сакате да се освежите со сладолед, од агенцијата за храна советуваат да го купувате од сигурни продажни места; да се внимава на разладниот уред каде се чува сладоледот; пред консумирање да се провери изгледот, мирисот и вкусот на сладоледот; и доколку се купува пакуван сладолед, да се внимава на рокот на употреба, односно да се прочита означувањето.

Труењето со храна е особено честа појава во летните месеци, бидејќи високите температури придонесуваат за полесно и побрзо развивање на микроорганизмите во храната.

OhridNews