Охридско-преспанскиот регион денеска ќе влезе во таканаречената портокалова фаза – опасна по здравјето на луѓето, соопшти Министерството за здравство. Максималната температура во охридско денеска ќе се искачи до +35 степени, а на југот од земјата ќе достигне до +41 степен Целзиусов.

Портокаловата фаза ќе ги зафати и скопскиот, југоисточниот регион, полошкиот и осоговскиот- малешевскиот.

Министерството информира дека остануваат да важат општите препораки за заштита на здравјето на населението од високите температури. Во текот на ваквите екстремно топли денови, да се остане во затворени и климатизирани простории, да се избегнува престој на отворен простор во најтоплиот период од денот, да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце заштитни очила и капа. При сончање да се користи крема со висок заштитен фактор, да се внесуваат повеќе течности, пред се вода, да се избегнува алкохол и тешка храна.

Поради високите темепратури зголемена е можноста за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, поради што се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи пред нивната употреба, а храната термички да се подготовува, додека мајонези, кремови и друга лесно расиплива храна да се избегнува.

Со цел да се ублажат последиците од топлотниот бран се препорачува да се избегнува работа на отворено за време на најтоплиот период од денот односно  во период од 11 до 17 часот, да се обезбеди  адекватна вентилација и по можност климатизација во работниот простор,промени во организацијата на работниот процес, односно воведување работа во  две смени, да се обезбедат засолништа каде што вработените можат да се разладуваат извесен период во текот на работата и да се прават почести паузи во текот на работата и да се консумираат повеќе течности.
     
Во детските градинки се препорачува децата да се изнесуваат на прошетка единствено до 10 часот наутро, да се нуди лесна храна и повеќе течности, како и да се заштитат просториите во кои престојуваат од директна сончева светлина со ролетни или завеси.

На домовите за згрижување на стари лица се препорачува преземање мерки за климатизација на просториите или обезбедување на една студена просторија (неопходна за портокалова фаза), да се нуди повеќе лесна храна и течности, совети за навремено земање на препорачаната терапија од лекар.