Во текот на првото полугодие од 2014 година, низ патиштата во Македонија се случиле 1.716 сообраќајни незгоди со потешки последици, што споредено со истиот период во 2013 значи намалување од 178 случени незгоди. Според местото на случување на сообраќајните незгоди со потешки последици, 1.319 незгоди се случиле во населените места, а на патиштата надвор од населени места во Републиката, се случиле 397 незгоди. Гледано по подрачја, 44% од сообраќајните незгоди се случиле на подрачјето на СВР Скопје-758 незгоди, потоа следи СВР Битола со 184, СВР Тетово-158 незгоди, на подрачјата на СВР Штип и СВР Куманово по 134 незгода, СВР Велес-128, на подрачјата на СВР Струмица-112, а најмалку на подрачје на СВР Охрид-108 незгоди.

– Максималната ангажираност на службите за безбедност на патниот сообраќај на Министерството за внатрешни работи   резултираше со поповолна безбедносна состојба во сообраќајот за што сведочат намалениот број на  сообраќајните незгоди со потешки последици, како и намалување на бројот на жртвите-учесници во патниот сообраќај, велат од МВР.

На планот на сузбивање на сообраќајната деликвенција, од страна на Министерството за внатрешни работи, против прекршителите на сообраќајните правила и прописи превземени се вкупно 136.725 превентивно-репресивни мерки, што во споредба со истиот период од минатата година бележат зголемување за околу 10 %.

Во текот на првото полугодие од 2014 година, на патиштата во Република Македонија се случиле вкупно 1.716 сообраќајни незгоди со потешки последици (незгоди со загинати лица, со повредени лица и незгоди со поголема материјална штета), од кои 60 се незгоди со загинати лица, додека 1.655 се незгоди со повредени лица, а само една незгода е со поголема материјална штета. Во незгодите настрадале вкупно 2.758 лица, од кои  2.687 лица се повредени, додека 71  лице загинале.

OhridNews