Советниците на седницата закажана за утре, ќе расправаат за предлог одлуката за  објавување на оглас за субвенционирање на авио линии од охридскиот аеродром. Градоначалникот Никола Бакрачески очекува дека со тоа ќе  се пројави интерес кај  авио компаниите за воспоставување   директни   летови од охридскиот аеродром .

– Наша заложба е  во текот на 2015 година да  почнеме со сезонски летови, а во текот на 2016, 2017 и 2018  година  да започнат и летови преку цела година односно регуларни летови . Засега ние како локална самоуправа ќе  субвенционираме една линија од  аеродромот “Лутон“ во Англија. Со тоа  имаме намера да привлечеме  голем број на англиски туристи кои што важат за едни од најдобрите потрошувачи според податоците на релевантните  институции и магазини  кои се занимаваат  со трендовите во туризмот. Нашата намера е во наредните три години во Охрид да привлечеме најмалку 25 000  англиски туристи, потенцира градоначалникот Бакрачески и подвлече дека во  исто време Владата на Република Македонија ќе објави оглас со кој што ќе се субвенционира уште една линија од охридскиот аеродром . Се очекува тоа да биде  Охрид- Базел, а постои можност да се надополни  и со една односно  две линии кон други европски дестинации.   Преговорите за овие линии   ги води министерството за  транспорт и врски кое е и надлежно за целата тендерска постапка.

OhridNews