Во текот на минатата 2016 година, безбедносна состојба на подрачјето на СВР Охрид беше стабилна и поволна, информираат од СВР Охрид.

– Активностите на полициските службеници се преземаа согласно определените стратешки приоритети на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и беа насочени кон сузбивање на криминалот во сите појавни облици и форми, реализација на имотните деликти и пронаоѓање на сторителите на казнените дела кражби и тешки кражби, борба против недозволена трговија со дрога, задржување на поволна состојба во јавниот ред и мир и подигнување на безбедносната состојба во сообраќајот. СВР Охрид, работеше и по други законски основи се со цел излегување во пресрет на безбедносните потреби на граѓаните и нивни вистински сервис и партнер, потенцира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Во текот на 2016 година, во СВР-Охрид регистрирани се вкупно 1564 кривични дела, за 294 помалку споредено со 2015 година. Од нив 749 на ниво на општина Охрид, извршени од страна на 414 сторители, против кои се поднесени 380 кривични пријави. Според тоа, бројот на пријавени кривични дела бележи намалување за 16 % , бројот на регистрирани сторители бележи намалување за 14%, а бројот на поднесени кривични пријави бележи намалување за 14 % во однос на 2016.

Во делот организирани видови криминал и корупција, во текот на 2016 година регистрирани се вкупно 9 кривични дела во Охрид, за што се  поднесени 4 кривични пријави. Според регистрираните кривични дела  од оваа област се бележи намалување за  7%  во однос на претходната година. Во областа на економскиот криминалитет, во 2016 година, СВР Охрид поднесе 34 кривични пријави на ниво на општина Охрид, против 36 лица.

Во изминатата 2016 година, за семејно насилство во Охрид било извршено 71 кривично дело,  поднесени се 68 кривични пријави, против 74 лица, а во делот на малолетничката деликвенција, во текот на 2016 година според бројот на малолетници и извршените кривични дела од малолетници, состојбата е поповолна во однос на минатата година. Имено во 2016 година, регистрирани се за 60% помал број на малолетни лица или пријавени се вкупно 30 (76 во 2015) малолетни лица– сторители на кривични дела, од кои 23 од Охрид. Од страна на малолетниците извршени се вкупно 28 кривични дела во Охрид.

Во сузбивањето на недозволената трговија со дрога, во текот на 2016 година поднесени се вкупно 89, кривични пријави, од кои 37 во Охрид.

– Во  областа на јавниот ред и мир, во текот на 2016  година се одржуваше поволна безбедносна состојба, не се регистрирани нарушувања во поголем обем и со потешки последици. На ниво на СВР-Охрид, во 2016 година регистрирани се 768 прекршоци во јавниот ред и мир, од кои 383 во Охрид. Во однос на минатата година, имаме зголемување на бројот на прекршоците за 7 % , зголемување на бројот на  сторителите за 6 % и зголемување на бројот на барањата за поведување на прекршочна постапка  за 7  %, информира Димоски.

Безбедносната состојба во областа на сообраќајот, во текот на 2016 година ја карактеризира намалување на вкупно случените 751 (764 во 2015) сообраќајни незгоди, од кои 303 на ниво на општина Охрид, а зголемување на сообраќајни незгоди со потешки последици 361 (326 во 2015) од кои 157 во општина Охрид, при што загинале 11 лица.

Сообраќајни незгоди со потешки последици на ниво на општина Охрид се случиле 157, во кои тешко телесно повредени биле 35 лица, а лесно телесно повредени 174.

– Не исклучувајќи го факторот пат (состојба и услови, хоризонтална и вертикална патна сигнализација), субјективниот фактор-човек (возачи, пешаци, моторциклисти,велосипедисти),заземаат висок удел во случувањето на сообраќајни незгоди преку своето неодговорно и недисциплинирано однесување, управување на возило под дејство на алкохол, без возачка дозвола. Причини за сообраќајни незгоди со потешки последици текот на 2016 година се: брзина, возење под дејство на алкохол, непочитување на сообраќајните прописи-правило на првенство, недржење страна и правец на движење, информира Димоски.

Отсекот за превенција, во минатата година реализирал околу дваесеттина проекти со разни целни групи. Од канцеларијата за односи со јавноста, до медиумите испратени биле вкупно 212 соопштенија, одржани 65 прес конференции, 141 изјави емитувани и објавувани на програмите на локалните, регионалните и националните радио, ТВ, печатени медиуми и веб портали со остварени 34 гостувања во нивните информативни и другите програмски сегменти.

Канцеларијата за односи со јавноста имаше значајна улога и во организација на медиумското покривање на повеќе безбедносни форуми, меѓународни полициски конференции и билатерални средби на  високи претставници на МВР со нивни колеги од министерствата за внатрешни работи од други земји како и со нивни полициски асоцијации што се одржуваа во Охрид.Канцеларијата за односи со јавноста е иницијатор на низа проекти меѓу кои во 2016 година, во соработка со мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, се реализира проектот „Јакнење на комуникацијата и соработката помеѓу полицијата и новинарите“ што е прва ваква регионална работилница со учество на новинари и полицајци од Охрид, Струга, Кичево, Дебар, Ресен, Битола и Прилеп.

OhridNews