Во полициската акција „Диригент“ запленети се 14 луксузни автомобили, повеќе од 50.000 евра, утврдени трансфери од 265.000 евра кои се пронајдени кај триесетината осомничени за кои се смета дека се дел од „Франкфуртска мафија“ која продавала хероин во Австрија и Германија, пренесува „Макфакс“.

Во целокупната акција која се одвиваше во четири града Скопје, Гевгелија, Велес и Свети Николе  учествувале 377 полицајци, а дополнително се запленети голем број на документи, компјутери кои ќе бидат анализирани.

Карактеристично за групата која работела во Виена и Германија е тоа што се разликувале од албанските и црногорските групи бидејќи биле таинствени, не паѓале во очите на полицијата, и покрај парите што ги заработувале, истите не ги трошеле во казина и барови.

„Организаторите ги испраќале младите луѓе во Виена со добро објаснети задачи, ги прифаќа друга група која ги сместува во одредени станови и покрај заработувачката се различни од албанските и црногорските групи затоа што не одат по казина, не се пијанчат по барови ,не паѓаат во очи на полицијата премногу се таинствени и не е забележана измама или нелојалност према наредбите“, вели Љупчо Тодоровски, директорот за јавна безбедност.

Тој додава дека не се работи за страв туку за таинственост, млади луѓе кои добиваат задачи само за еден процес, односно кога ќе пристигнат во станот го делат хероинот по грамови, го оставаат на адресата каде што му е речено, потоа доаѓа друг кој го зема и го носи на дилерите.

„Поднесени се 10 кривични пријави од кој осум се приведени во Австрија и Германија, а по две лица уште се трага. Се работи за македонски државјани на возраст од 18 до 53 години кои организирале меѓународен канал за криумчарење на хероин на улиците во Франкфурт и Виена“, рече Гордана Јанкуловска, министер за внатрешни работи.

Штефан Турнер од полициското аташе на амбасадата Австрија рече дека австриските полицајци уапсиле 69 македонски државјани за кои се одредени и повеќе годишни казни затвор и додаде дека македонските полицајци достигнале едно такво ниво кое што Австрија уште го нема постигнато со некои свои европски партнери.

OhridNews
извор „Макфакс“