Додека делови на Европа се борат со рекордни снежни наноси, австралиските власти ги предупредија граѓаните да не престојуваат на отворено поради рекордно високите температури во некои делови од земјата кои ќе задржат, па дури и ќе бидат во пораст во следните неколку денови.

Во делови од најнаселената сојузна држава Нов Јужен Велс и во делови од Западна Австралија забележани се ноќни рекордни температури од 33 степени Целзиусови, а максималната дневна температура може да достигне и повеќе од 45 степени во делови на Нов Јужен Велс, Јужна Австралија и Викторија, објави државниот метеоролошки завод.

„Избегнувајте физичка активност и пијте многу течности–тоа е од клучно значење во овој момент“, вели Ричард Брум, директор за здравство и животна средина во Владата на сојузната држава Нов Јужен Велс.

Во градот Марбел Бар беа измерени дури 49,3 степени. Невообичаено високите температури дополнително го исцрпуваат земјоделството што се опоравува од сушната година. Австралија, четвртиот најголем извозник на пченица во светот забележа најнизок принос на оваа култура во последните десет години, токму поради сушата. Поради невообичаено сувото време и високите температури, зголемен е и ризикот од пожари. Минатата година, пожарникарите се бореа повеќе од сто пожари по должината на североисточниот брег, предизвикани од високите температури.

Поради екстремно високите температури, на брегот во југиосточниот дел на земјата се насукаа повеќе од милион риби, а експертите сметаат дека состојбата ќе се влоши во наредните денови. Се очекува дека топлотниот бран ќе трае најмалку уште една недела.

OhridNews

Макфакс