Вчеравечер, на Меѓународниот фестивал за архитектура во Барселона, на авторите кои го изработија идејниот проект за спомен- домот на Тоше Проески, им беше доделена наградата People`s choice award за најдобро архитектонско дело за 2011.


Проектот за Спомен-куќата на Тоше Проески во конкуренција на 704 објекти од целиот свет, во гласањето кое започна во август годинава, а заврши пред два дена освои над 15.000 гласови, а доби и најмногу гласови од жири-комсијата на фестивалот. Наградата People`s choice award востановена е годинава, а право на учество имаа објекти од целиот свет чија изградба завршила годинава.


– Наградата претставува голема промоција и афирмација за архитектурата на Република Македонија во светот, но воедно таа е само уште една потврда за големината, едноставноста, високите човечки и уметнички вредности и квалитети кои во себе ги носеше нашиот Ангел, Тоше Проески, а кои уште долго ќе го фасцинираат целиот свет, велат од министерството за култура.


Спомен-куќата на Тоше Проески, изградена во чест на трагично загината македонска музичка икона е лоциран на Гумење во Крушево. Објектот за јавноста беше промовиран на 25 април годинава.

OhridNews