Жителите на општина Дебрца вечерва ќе можат да проследат целовечерен концерт на културно-уметничкото друштво „Разиграна Македонка“ од автралискиот град Квинбијан –  едно од најистакнатите друштва на македонската дијаспора на петтиот континент.

На концеротот што ќе се одржи во кино-салата во Белчишта со почеток од 20 часот, своите познавања на македонската песна и игра ќе ги претстават членовите на „Разиграна Македонка“, кои се воглавно деца на наши иселеници во Австралија. Раководството на друштвото го сочинуваат врвни кореографи и фолклористи со македонско потекло.

Како гости на фолклорната вечер  ќе настапат Ѓоко Танески и познатиот гајдаџија Целе Атанасоски. Организаторот, Општина Дебрца,  најави дека фолклорната вечер ќе биде збогатена со специјалитетите кои традиционално се проготвуваат во овој  крај како што се питулиците, ѓомлезето, киселото млеко.

Во рамки на турнеја во родниот крај, членовите на КУД „Разиграна Македонка“ претходно настапија пред публиката во Скопје, Велес, Македонска Каменица и во Охрид.

OhridNews