Во текот на третата недела од 2022 година (17-23.01.2022), во државава пријавени се 346 случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, намалување од 26,4% во споредба со минатата недела, говорат податоците од последниот извештај на Институтот за јавно здравје.
Заболените се пријавени од 14 ЦЈЗ/ПЕ, во Охрид – 79, во Дебар – 46, во Прилеп и Скопје – по 31, во Штип – 28, а во останатите ЦЈЗ/ПЕ, бројот на пријавени е помал од 25. Во осум извештајни единици кои пријавија случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска активност на вирусот на грип, во 4 е регистрирана сезонска (ниска) активност, а во две (Охрид и Дебар) се регистрира средна активност, се вели во извештајот од ИЈЗ.
Во текот на оваа недела во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ, пристигнале 825 материјали за лабораториско тестирање на грип од кои 5 од сентинел САРИ надзорот, паралелно тестирани за грип и COVID-19. Притоа, детектирани се 24 (3,9%) позитивни случаи, 23 од рутинскиот надзор и еден позитивен случај од сентинел САРИ надзорот, сите Influenza A несубтипизирани.
Се забележува стабилизирање на бројот на заболувања слични на грип, кој сѐ уште е под неделната граница за сезонска активност. Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца оваа недела покажуваат позитивност од 3,9%. Согласно овие податоци, во државава има регионална раширеност и среден интензитет на активноста на вирусот на грип, велат во извештајот од ИЈЗ.
Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со 3-та недела од минатата сезона (n=28) е зголемен 12,4 пати, а во споредба со бројот за 3-та недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 10 сезони) се регистрира намалување од 78,6% .

Во однос на возрасната дистрибуција, 200 лица се на возраст од 15-64 години, 57 кај деца на возраст од 0-14 години, 45 се регистрирани кај деца на возраст од 5-14 години и 44 лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години, се наведува во извештајот.
Заклучно со 3-та недела, во државава се вакцинирани вкупно 49.294 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.
OhridNews












