Во четврток, 13-ти јуни, на репертоарот на охридскиот Народен театар е претставата „Метод“, според најпоставуваниот современ шпански текст во регионот (El mètode Grönholm) од Жорди Галсеран.

Режисер на претставата е Ирена Стеријовска. Играат: Стрезо Стаматовски, Ивица Цонев, Елизабета Стефановска, Јаков Спасов.

Претстава зборува за последното интервју на финалните четири кандидати за висока позиција во голема интернационалана компанија. Во оваа приказна, преку интриганта сатира кон модерното сфаќање на капитализмот и општеството воопшто, се анализира природата на човекот. Концептот го поставува човекот во инфериорна позиција во однос на “големата слика” и го поставува прашањето колку голема е всушност “големата слика”? Преку интензивните трилер ситуации се игра со публиката и она што таа мисли дека го знае, исто како што дејствието си игра со ликовите и она што тие мислат дека го знаат. Така се создава еден модерен психолошки трилер со интензитет и темпо што ја вовлекува публиката толку активно да ги прати заплетите што и самата станува петтиот лик во оваа пиеса, вели режисерот Ирена Стеријовска.
Картите се пуштени во продажба на билетарата при НУЦК “Григор Прличев” – Охрид, почеток 20.00 часот. Телефон за резервации 046/261-063, 075/283-066.