Црвена Вода
Од 03.10.2019 - 10:00 до 03.10.2019 - 14:00
Мештаните од село Црвена Вода, заедно со општина Дебрца, Организацијата на Сојуз на борци и Организацијата на ветераните од одбраната и безбедноста – за општините Охрид и Дебрца, интензивно се подготвуваат за големата прослава, на 3 октомври, по повод одбележувањето на Денот на издавањето на Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, ден, кој се слави и како Патронен празник на општина Дебрца.
Очекуваат масовно присуство, но и учество на највисоките државни раководители, за што испратија соодветни покани.
Ќе бидат поканети и очекуваме присуство на амбасадорите акредитирани во Северна Република Македонија, посебно од земјите – сојузници во Втората светска војна, како Велика Британија, Русија, САД, но и земјите од поранешната југословенска федерација, вели претседателот на Месната заедница, Војдин Николески.

Партизаните добивале и значајна помош од Британците. Нивните авиони на Славеј планина, со падобрани, спуштале храна, облека, муниција, лесно вооружување (до автомати – шмајзери “Стен”), но и пари и злато. На теренот на Дебрца веќе имало 12 батаљони, подоцна распоредувани по бригади. На слободната територија биле отворени 13 училишта на македонски јазик. НОО во секое село.
Во Црвена Вода, Англиската воена мисија при Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, со мајорот Џон Квеин, била сместена во училишната зграда, сега – Спомен дом. Во училишната зграда била сместена и печатницата “Гоце Делчев”, емисионата радиостаница, Главниот штаб и делови од ЦК на КПМ.
Сега е извонредно погоден моментот да се потсетиме, односно, од нашето село, да се испратат пораки за историските корени на соработката со Сојузниците, сега водечки членки на НАТО. Исто така, пред добивањето на датум за преговори со ЕУ, добар е моментот да се нагласи историското заедништво на Македонците, Турците, Албанците, Власите и други заедници, започнато со Крушево 1903, а продолжено за време на Втората светска војна, токму на теренот на Црвена Вода и историска Дебрца, напоменува новинарот и публицист Веле Митаноски, претседател на Одборот за прослава во селото.

Очекуваме присуство на државниот врв, го поканивме Премиерот и владините претставници, а особена поддршка очекуваме од господин Стево Пендаровски, како претседател, но и врховен командант на АРМ, со надеж дека, од сега натаму, Денот на нејзиното формирање – 18 август, ќе се прославува во Црвена Вода, во чија близина е планината Славеј, но тоа е сосема блиску, а засега нема услови за пристигнување, освен со џипови – додава Митаноски.

Не случајно, 3 Октомври, Денот на Манифестот до македонскиот народ, од 1943 година, воедно е и Ден – Патронен празник на општина Дебрца. Поради тоа, започнавме со санација на Спомен училиштето. Се работи на демонтажа на старите подови и прозорци, бетонирање на подовите, поставување на керамички плочки, молерисување на внатрешни ѕидови, нови прозорци, нова електрична инсталација, шприцање на фасада, изработка на конзолна настрешница пред влезот и друго. Вкупната вредност на работите изнесува 589.535 денари, кои се обезбедени од Буџетот на општината за 2019 година. Имаме обврска да се однесуваме одговорно кон нашата историја, култура и традиција, да го чуваме и заштитиме нашето богато историско и културно наследство. Едно од тие историски места е селото Црвена Вода, вели градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.

Соодветно се вклучени и раководствата на Организацијата на Сојуз на борци и Организацијата на ветераните од одбраната и безбедноста – за општините Охрид и Дебрца.
Манифестот до македонскиот народ, од 1943 година, по своето значење, е еднаков со Крушевскиот манифест од 1903 година и Манифестот на Првото заседание на АСНОМ. Тука, во Црвена Вода, се донесоа пресвртни одлуки за Македонија: формирањето на Иницијативниот одбор на АСНОМ, изборот на делегатите за заседанието на АВНОЈ, доаѓањето и престојот на Британската сојузничка мисија, функционирањето на Главниот штаб, пренесувањето на на ЦК на КПМ од Лопушник во Црвена Вода, првите диверзантски акции и многу други. Со Црвена Вода е поврзано создавањето на македонската држава и државност, со сите атрибути на власта и армијата, како и Црквата. Тука е формиран Иницијативниот одбор и извршен изборот на делегатите за АСНОМ во Црвена Вода, тука е кроена и усвоена и листата на делегатите што требало да патуваат на заседаниото на АВНОЈ, вели Гоце Георгиевски, претседател на Општинската организација на Сoјузот на борци и потпретседател на Главниот одбор на Сојузот на борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија.

(“…Манифестот е многу значајна работа.Секако, дека и иднината ќе го истакнува тоа. Затоа што е межникот на државотворниот чин на Македонија”… (Михајло Апостолски). -“…Крушевскиот манифест и овој од Црвена Вода, се мерат и по својата висина. Првиот на 1.300 метри. Овој,после 40 години, е нешто повисоко. Но и Никола Карев беше социјалист. За жал комитите, кутрите, не успеаја да создадат македонска држава, ама ние партизаните го заслужуваме пехарот” (Михајло Апостолски).

Пред големата офанзива, сите единици се префрлени во тогашна Јужна Македонија, при што за 11 дена, од Црвена Вода до Караџова, единиците поминале 300 километри и кај селото БУФ се споиле со Еласовците.
OhridNews











