Општинската организација на Сојузот на борци од НОАВМ 1941-1945 и на граѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебрца и локалната самоуправа на општина Дебрца, во село Црвена Вода ја одбележаа 83 годишнината од издавањето на Манифестот на ГШ на НОБ и ПОМ и други значајни настани од НОБ и Револуцијата во 1943 година, со полагање свежо цвеќе на спомениците на паднатите борци од НОБ и жртвите на фашистичкиот терор.

Денеска, во слободарска Црвена Вода, со огромна гордост и длабок пиетет го чествуваме денот кога се испишуваше македонската историја. На 3 октомври 1943 година, токму од овде одекнаа пораките од Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ! Тој голем историски чин трајно ја позиционираше нашата Дебрца како прва слободна територија и лулка на современата македонска државност – оставајќи ни вечен белег на непокор и национална гордост, истакна во обраќањето на свеченоста градоначалникот на општината Златко Сиљаноски.

Славното минато, посочи, е најголем патоказ за иднината, а аманетот од предци е јасен: да се продолжи посветено, одговорно и заеднички да се гради и развива општината во просперитетно место за сите нејзини жители.

Нека ни е честит и за многу години Патрониот празник!, рече Сиљаноски.

Воедно, упати благодарност до оркестарот при ООУ „Дебрца“ и талентираните ученици од Мешеишта кои ја збогатија денешната свеченост.

OhridNews