Во ресторан Еко Петрол во Дебрца, денеска со почеток во 11 часот, ќе се одржи Јавна расправа, организирана од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија и Секторот за животна средина,  на која ќе биде претставена Студијата за оцена на влијанието врз животната средина, за Интегриран систем за управување со цврст отпад, Југозападен регион: Дебрца, Кичево, Пласница и М. Брод.

Цел на јавната расправи ќе биде конструктивна дискусија за влијанијата на Интегрираниот систем за управување со отпад врз животната средина. Граѓаните ќе имаат можност да поставуваат прашања и да добијат стручни одговори од страна на експертите, а исто така и да дознаат повеќе за предностите кои ги носи воспоставувањето на ваков вид системи за управување со отпад. 

Проектот е инициран од Министерството за животна средина и просторно планирање во рамките на ИПА, доделен од Секторот за централно финансирање и склучување на договори (ЦФСД) при Министерството за финансии и спроведен од страна на ENVIROPLAN S.A и неговите конзорциумски партнери, LOUIS BERGER – BiPRO GmbH – EPEM S.A. – SLR Consulting Limited.

Целта на Проектот е да се постигне Интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагонискиот, Југозападниот, Вардарскиот и Скопскиот регион и да се подобри животниот стандард на приближно 1.200.000 жители кои моментално годишно произведуваат 330.000 тони отпад.

Јавна расправа на истата тема утре ќе се одржи во големата сала на општина Охрид со почеток во 10 часот.

OhridNews