Македонија како земјоделска земја е препознатлива токму по квалитетниот зеленчук и овошје кое вирее и се одгледува на овие простори. Но во земјава се помалку се присутни автохтоните сорти на плодови, кои во минатиот век важеле за едни од најдобрите. Денеска нивното место го заземаат увезните производи, кои се карактеристични по одличниот изглед, но лошиот вкус.
Охридскиот вид домат, познатиот „Охридски јабучар“, веќе оддамна е исчезнат од домашните трпези. Сепак, во дворот на нашиот сограѓанин Борис Ѓорѓиоски, овие денови созреа џиновски домат од оваа сорта, тежок безмалку еден килограм.
„Се работи за охридски стар јабучар кој полека се губи во нашиот град. Доматот е потполно еколошки израснат, додека на истиот корен имаше уште шест патлиџани слични на него, помали за некои 100 грама.“ – вели нашиот сограѓанин Борис Ѓорѓиоски.
Тој потенцира дека доматот воопшто не е прскан со пестициди или други заштитни средства, кои соддржат хемикалии и можат да наштетат по човековото здравје.
„Не е израснат ниту со вештачко ѓубриво. Единствено е прихранет и испрскан против штетници со чај од варени коприви, а наводнувањето е со системот капка по капка со изворска или остоена вода, која воопшто не соддржи хлор.“ – потеницра Ѓорѓиоски.
Тајната за овој џиновски и вкусен домат, како што објаснува нашиот сограѓанин, се состои во навременето прскање со препаратот од коприва и навремено наводнување.
„Најбитно е да се заживее тој охридски јабучар, кој е чист и еколоши здрав, мириса на вистински домат, а се губи во последните години. Успева да опстои и во густо населени подрачја, но и во градски средини. Овој израсна во близина на централното градско подрачје. “- објаснува Ѓорѓиоски.
Овие слики ќе сведочат за градинарските вештини на нашиот сограѓанин, а охридскиот јабучар очекувано ќе заврши во чинија салата „уз муабет и чашка ракија“.
О.Т.