Во саботата навечер, на 2 август – Илинден, најголемиот македонски национален празник, на плоштадот во селото Елшани се одржа 11-тото издание на културната манифестација „Илинденска вечер во Елшани“.
Оваа традиционална вечер повторно ги собра мештаните, иселениците и бројни гости, кои уживаа во одличната музичка програма.
Централниот дел од вечерта им припадна на македонските фолк-изведувачи Благојче Стојановски – Туше и Татијана Стефаноска. Со свои авторски песни, но и со препознатливи изведби на македонски народни мелодии, тие ја создадоа препознатливата илинденска атмосфера, која ја одржа публиката расположена до доцните часови.
Во музичкиот блок настапија и младите македонски надежи – браќата Бојан и Дејан Стојаноски, придружувани од Матли бенд.
Организаторите посочија дека манифестацијата има за цел да го претстави Елшани како живо и современо село, со силен културен идентитет и дух.
„Илинденската вечер“ веќе ни прерасна во традиција, и оваа е втора деценија како се одржува. Од година во година, се трудиме истата да ја доближиме до што повеќе луѓе, со цел да биде поприфатена и помасовна во карактер. Не радува фактот што и годинава имавме присутни од повеќе градови во Македонија, како и наши иселеници од дијаспората, но и странски туристи кои имаа можност да видат што значи овој спој на традицијата и модерното.
Оттаму додаваат дека нивната цел за следното издание е поамбициозна, со поголема вклученост на млади македонски уметници и таленти, како и уште поголемо претставување на културата, традицијата и природните убавини на ова населено место во охридскиот регион.
Настанот помина во достоинствена и празнична атмосфера, со видливо задоволство кај присутните и јасна порака дека Елшани останува значајна точка на културната карта на Општина Охрид.
OhridNews