Од денес телефонската линија за сите повредени и нивните семејства во трагедијата во Кочани е во функција. Преку директна комуникација секој од повредените лица и семејствата ќе може да се јават, да ги искажат своите барања кои ги имаат, како и да понудат предлози и конкретни потреби, информираат од Владата.

Телефонскиот број 070 355 526 на кој ќе можат да се јават повредените и семејствата е јавно достапен, и е директна комуникација, управувана од Канцеларијата на претседателот на Владата. Наш приоритет е повредените од кочанската трагедија да добијат соодветна медицинска нега и целосна рехабилитација, за да можат да продолжат со животот понатаму. Токму поради тоа, на владина седница ќе се донесе одлука со која одморалиштето Пониква кое е во сопственост на Министерството за внатрешни работи ќе се отстапи за потребите на Министерството за здравство, односно за пациентите кои веќе се во стабилна состојба, но имаат потреба од понатамошен третман, посочуваат.

Одморалиштето Пониква, додаваат, располага со 27 соби и 56 легла, а ќе биде обезбеден и дополнителен медицински кадар кој ќе пружи целосна медицинска нега на пациентите.

Ова значи дека повредените лица на кои им е потребна дополнителна здравствена заштита ќе можат да ги користат овие услуги, потенцираат од Владата.

OhridNews