
Според неофицијални информации, во акцијата учествувале специјални полициски единици кои поставиле заседа за рибокрадците кои со чамци пристигнувале на брегот. Кај авто кампот „Андон Дуков“ биле приведени повеќе рибокрадци, а уловената риба како и нивните чамци и пенти биле запленети. При проверка на неколку камп куќички била пронајдена поголема количина рибарски мрежи и најразличен друг риболовен алат, кои исто така биле запленети.
СВР – Охрид ја потврди инфомацијата, но најави дека поединости за акцијата ќе бидат изнесени во текот на денешниот ден.
Охридското Езеро со години е мета на рибокрадците од двете страни на границата. И покрај тоа што Македонија има прогласено потполна забрана за риболов, нелегалниот улов на загрозените, ендемски видови пастрмка и белвица не запира. Состојбата е уште позагрижувачка од другата страна на границата, бидејќи Албанија и покрај најавите сеуште нема донесено забрана за риболов на загрозените видови риби, кои преку илегални канали завршуваат на црниот пазар во земјава.











