Министерот за култура, Елизабета Канческа-Милевска заедно со министерот за образование, култура и наука на Кралството Холандија, во Утрехт-  Холандија, во прекрасниот амбиент на катедралата посветена на Света Катарина од Александрија и во присуство на над 500 гости свечено ја отворија изложбата „Ненадмината убавина – икони од Македонија“.


За холандскиот министер реализацијата на оваа изложба е еден од најблескавите успеси на музејот „Катаријнеконвент“. Истакнувајќи го големото значење на изложените дела, тој нивната вредност ја спореди  со вредноста на комплетната колекција на слики од Ван Гог. Холандскиот министер подвлече дека ова е убава можност посетителите да се запознаат со македонското културно наследство.


Вредните експонати од музеите во Македонија, меѓу кои и од Охрид се дел од изложбата која претставува најголемо презентирање на богатото македонско културно наследство надвор од Македонија, како по своите вредности така и по својот обем. Претставени се 62 археолошки предмети, шест примероци од оригинални фрагменти од средновековен живопис, 52 икони и 39 литургиски предмети.


Меѓу експонатите се наоѓаат исклучителните наоди од локалитетот Плаошник, вредните икони од охридската Галерија на икони како и Златната маска пронајдена кај Горна порта.

OhridNews