Во овој период, најголем број незгоди се случени во текот на 2009 година, кога се евидентирани вкупно 468. Пет лица загинале, а 43 се здобиле со тешки телесни повреди. Против учесниците во сообраќајните незгоди биле поднесени 59 кривични пријави.
Нешто помал број незгоди се евидентирани во 2010 година- 462. Од нив фатални биле 8, во кои животот го загубиле 9 лица, а во 36 од незгодите 44 лица се здобиле со тешки телесни повреди. Во оваа година биле поднесени вкупно 69 кривични пријави за учесниците во сообраќајот кои ги прекршиле законските прописи.
Во текот на 2011 година, заклучно месец август, евиденцијата покажува дека на ниво на општина Охрид се случиле 241 сообраќајни незгоди, во кои животот го загубиле две лица, а со тешки телесни повреди се здобиле 35.
Како најчести причини поради кои биле предизвикани незгодите се прекорачување на брзината на возење над дозволената, непочитувањето на сообраќајните знаци, како и управување на моторните возила под дејство на алкохол.
Во јавноста повеќепати досега се спомнувани неколку таканаречени црни точки, на кои се евидентирани поголемиот број од случените незгоди. Меѓу нив е дел од регионалниот пат Охрид- Свети Наум во близина на селото Рача, влезот на селото Пештани, каде се случи и последната тешка сообраќајна незгода во која животот го загуби едно лице, како и делот од магистралниот пат Охрид- Кичево, кај Подмољје.
– Од наша страна се прават максимални напори за зголемување на безбедноста во сообраќајот, особено на оние места на кои се евидентирани поголемиот број од случените незгоди. Во текот на викендите, летниот период и ноќните часови, на овие локации постојано има екипи од Полициската станица за безбедност на патиштата. Се вршат засилени контроли, се превземаат превентивни, но и драстични мерки како што е исклучување од сообраќај во случај кога се управува моторно возило под дејство на алкохол. Истовремено апелираме до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните знаци и пропишаната брзина на возење, бидејќи со тоа во значителна мера би се намалил бројот на незгоди, вели портпаролот на СВР- Охрид, Стефан Димоски.
Тој нагласува дека и во наредниот период ќе продолжат засилените контроли врз учесниците во сообраќајот, со цел подигнување на степенот на безбедноста во сообраќајот како и на безбедносната култура кај возачите и пешаците со целосно и доследно почитување на хоризонталната и вертикална патна сигнализација.