Работниците велат дека причина за нивното незадоволство е тоа што сеуште не им се исплатени платите за јануари и февруари , како и придонесите, поради што дел од нив не можат да ги остварат своите права во здравствените установи.
– Најголем дел од нас живеат од платата која нередовно ја добиваме од самото формирање на јавното претпријатие и ова еднаш мора да престане, изјавија незадоволните работници.
Тие најавија дека и натаму ќе продолжат со протестот се додека не им се исплатат двете заостанати плати и придонесите. Тие информираа дека постојано одржувале контакти и разговарале со раководството на јавното претпријатие кое неодамна им ветило дека ќе се надминат проблемите со исплатата на платите и придонесите, но како што посочија работниците, тоа не се остварило поради што решиле со протест да ги остварат своите права.
Од Синдикатот на вработените при ЈП „Нискоградба“ изјавија дека не стојат зад организираниот протест и дека не се запознаени дека дел од вработените одлучиле да искажат било какво незадоволство.
Според градоначалникот Александар Петрески, пак, со протест не требало да се решаваат проблемите, затоа што на тој начин можеле да се предизвикаат други несакани проблеми.
– Немам информација за протест, но знам дека денес поминаа придонесите за јануарската плата и дека во наредниот период до Велгден треба да се исплати и платата за месец јануари. Со протест не се решаваат работите, во ЕМО и други претпријатија со години немаат земено плата, а во оваа економска криза кога граѓаните се помалку ги плаќаат сметките не е големо доцнење ако не се исплатиле платите за последните два месеца, рече Петрески.
.