Владата го усвои финалниот текст на Договорот со Руската Федерација за изградба на гасоводниот крак од Јужен тек кон Република Македонија. Финалниот текст, за кој е добиена потврда од руска страна дека се согласува, е усвоен на последната владина седница. Во моментов се утврдува датумот на потпишување на договорот, но се очекува да биде во јуни во Санк Петербург.

Ова го истакнува Вицепремиерот и Министер за финансии Зоран Ставрески во интервју за „МИА“ кое денес ќе биде објавено во целост.

Како што информираат од Министерството за финансии, поврзувањето со меѓународниот коридор за пренос на гас Јужен тек, за Македонија обезбедува многукратни придобивки. Со Договорот е предвидено да се обезбедат дополнителни количини природен гас, што ќе значат стабилна енергетска иднина на нашата земја.

Инаку, изградбата на гасоводот во Русија почна минатата година и гасот кон Централна и Јужна Европа треба да протече во 2015 година. Капацитетот на гасоводот е 63 милијарди метри кубни годишно или 14 отсто од вкупните потреби на Европа.
 

OhridNews