На чамците, глисерите, скутерите и јахтите на моторен погон, да им се забрани пловидба во каналот Студенчишта од 1- ви јуни до 15- ти септември и да им се дозволи влез во каналот само со помош на весла, бараат членовите од Спортско риболовниот клуб Св. Апостол Петар. Според нив, во што пократок рок, поради безбедносни причини, треба да се изврши и обележување и сигнализација на влезот на каналот.

Како што велат од СРК Св. Апостол Петар, во каналот владее хаос кој кулминира во летниот период. Силните елиси на глисерите ја уништуваат флората и фауната, а како резултат на тоа, три години во каналот влегуваат само 10% од рибите на зимување за разлика од минатите години. “ Наместо вода од прва категорија и туристичка атракција, каналот се претвори во загадено мочуриште и хемиски загадена вода од трета категорија”, велат од риболовниот клуб. “ Неконтролирано се уништува и трската за да се направат приватни паркиралишта за глисери” .

Со цел- подобра и побогата туристичка понуда, членовите од Св. Апостол Павле, меѓу другото, побараа: по каналот Студенчишта да се дозволи пловење само на неколку копии од стари охридски чунови исклучиво на весла, да се исчисти и направи проект за реанимирање на флората и фауната, да се направи марина и направат проекти за реанимација на Студенчишкото блато, како и да се изработи предлог- проект за просторот околу Билјанини извори и оваа локација се стави во категорија на заштитени споменици. Доколку не се спречи хаосот и уништувањето на флората и фауната во каналот, од Св. Апостол Павле најавија дека на 1- ви август ќе го блокираат влезот, односно излезот од каналот.

Од СРК Св. Апостол Павле сметаат дека се направени катастрофални грешки при носењето на  измените во Законот за рибарство и аквакултура. Пред се, во однос на распределбата на средствата кои ги уплаќаат рекреативните риболовци како чланарина за работа на Македонската риболовна федерација. Сметаат дека нејзината намена треба да е за работата на здруженијата и федерацијата, а не за полнење на буџетот. Не се согласуваат и со дел од казнените одредби во законот. “ Тие им овозможуваат на рибокрадците да издвојат од 1. 500 до 2. 500 евра и слободно да развиваат бизнис” , велат од Св. Апостол Павле. Побараа итно да се покрене постапка за измена на Законот за рибарство.

Затоа што надлежното министерство и пратениците не одговориле на нивните сугестии, од овој риболовен клуб најавија дека барањата ќе ги достават и до Канцеларијата на ЕУ во Македонија.

Т. К.