Лекарска екипа на Заводот за кардиоваскуларни заболувања денес, за прв пат во Македонија, изведе интервенција на периферни артерии на долни екстремитети. Интервенцијата беше извршена под супевизија на доктор Адриасијан Уруоглу од „Парацелсиус медика јуниверзити“ од Салцбург – Австрија, каде претходно се едуцираа специјалистите од охридската болница.
-Овие се процедури кои несомнено ќе бидат нова ера во развојот на интервентната кардиологија не само во Охрид, туку и во Македонија, со оглед на тоа што најголем дел од овие интервенции завршуваа со бајпас операции на нозе, а еден дел за жал од оние случаи кои што не беа решливи со бајпас операција беа подложени на ампутација на долниот екстремитет. Со овие техники кои официјално од денес започнаа да се применуваат во нашата установа ќе се овозможи на голем дел од пациентите кои порано беа праќани на вакви бајпас интервенции да се завршуваат само со интервентна процедура и со поставување стент, а кај еден дел од пациентите превенираме ампутација на долниот екстремитет, односно спречуваме во натамошната прогресија на болеста да дојде до ампутација на ногата.-изјави д-р Никола Бакрачески.
Д-р Никола Бакрачески
Д-р Адриасијан Уруоглу, интервентен ангиолог од „Парацелсиус медика“ универзитетот од Салцбург – Австрија, смета дека Кардиолошкиот центар во Охрид е подготвен за примена на новите методи од интервентната кардиологија.
-Вчера извршивме 5 интервенции, денеска уште две и сметам дека лекарските тимови и персоналот во Заводот за кардиологија во Охрид се подготвени самостојно да ги извршуваат овие зафати.-изјави д-р Уруоглу специјалист под чиј надзор беше применета новата здравствена метода во кардиолошкиот центар во Охрид.
Д-р Адриасијан Уруоглу
Новите методи се изведуваат со специјална опрема која ја овозможи компанијата „Диутроник“, од каде посочија дека тимот на Кардиоваскуларниот завод во Охрид е млад и мотивиран, добро обучен, и подготвен да им излезе во пресрет на пациентите, со што регионот добива уште еден центар каде квалитетно ќе се изведуваат сложени зафати од областа на интервентната кардиологија.
OhridNews