Денес низ цел свет започнува интернационалниот настан Game Jam Plus. Toa e најголемиот маратон за развивање на игри во светот, чија цел е преку процес на инкубација и акцелерација да овозможи најдобрите игри да станат пазарни производи привлечни за инвеститорите. Овој амбициозен проект трае 9 месеца и им овозможува на млади game development студија и тимови од различни земји да се претстават интернационално, да се сретнат со колеги, ментори, инвеститори и продуценти и преку тоа да добијат поддршка за нивните игри.

Во Македонија ќе се одржи по втор пат со локација во старт-ап центарот Касарна Хаб Охрид кој е и организатор на настанот, заедно со здружението Тактус од Охрид и Даниела Спасовска од Македонската асоцијација за развивање на игри – МАГДА, Скопје. Учесниците ќе може да присуствуваат физички или да се приклучат виртуелно од територијата на цела Македонија, информираат организаторите.

Во рамките на настанот ќе се одржат 2 натпревара. Првиот натпревар е класичен 48-часовен game jam хакатон кој се случува во исто време низ целиот свет, се развиваат игри на исти теми, а победниците ги избираме на ниво на Македонија. Најдобрите игри, односно 1/3 од игрите продолжуваат во фаза на Инкубација каде што ќе работат со ментори од меѓународни компании. Овие игри во март 2023 г. ќе се натпреваруваат на европското полуфинале во Лисабон, Португалија, а понатаму и на глобалното финале во Рио де Жанеиро, велат организаторите.

Вториот натпревар, додаваат, е насловен „Креирај игра за планетата” и на учесниците им дава можност да се натпреваруваат за награда од 1300€ со тоа што ќе креираат игра за мобилни/паметни телефони на тема климатските промени и животната средина. Натпреварот е под покровителство на Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко- свест Скопје, a финансиски е поддржан преку проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“, финансиран од Владата на Шведска.

Со дебитантското учество на Македонија на Game Jam Plus 2021-2022, се постигнаа две навистина важни нешта. Македонија беше земја со најголем број на учесници покрај домаќинот Бразил. Во октомври 2021 г. на настанот се вклучија 153 учесници и се формираа 23 тима од кои 5 продолжија во фаза на инкубација, а со тоа и кон полуфиналето. Играта Paint the Thing на тимот The Side од Охрид се пласираше во финалето и ја доби наградата Best Game Europe. Тимот патуваше на доделувањето на наградите во Рио де Жанеиро каде што се сретнаа учесници и организатори од сите континенти. Овие достигнувања ни се најголем поттик повторно да се организира настанот и да создадат услови за уште поголем успех, потенцираат организаторите.

Натпреварот содржи вкупно 6 фази кои се протегаат од октомври 2022 до јуни 2023 година.

Настанот Game Jam Plus Macedonia се организира со цел преку подолг настан да се промовира развивањето на дигитални игри во Македонија и да се поддржат сите кои креираат или имаат желба да научат и да креираат дигитални игри. Затоа, велат организаторите, Game Jam Plus е повеќе од само натпревар, односно тoa пред се‘ е место за стекнување знаење, нови контакти и започнување на соработка.

OhridNews