Директорките на ЈУ Културен центар „Никола Ѓурковиќ“ и на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Радмила Радуловиќ и Христина Трпеска потпишаа Меморандум за соработка по повеќе области од заеднички интерес.


Христина Трпеска, директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“ го отвори претставувањето на Библиотеката во Котор. Присутните накусо ги запозна со историјата на охридската Библиотека и моменталните проекти.
Премиерно во Котор беше прикажан кусиот промотивен филм, синхронизиран на српски јазик за најстарата книга во охридската Библиотека „Пчињското изборно евангелие“ од крајот на XVI век. Трпеска, кажа дека пред крај е синхронизацијата на истиот филм на македонски, англиски, француски и германски јазик. Соопшти дека е отпечатен Каталог за евангелието на веќе споменатите јазици. Целта е приказната за евангелието да се раскажува и пред бројните туристи во Охрид. На тој начин Библиотеката активно би се вклучила во културниот туризам.

Посебно внимание кај присутната публика и стручна јавност предизвика и презентацијата за Сретен Перовиќ (1932-2025), поет, драматург, театарски и литературен критичар и историчар. Перовиќ е потврден македонист, повеќедецениски промотор на високите вредности на македонската книжевност. Од македонската поезија има препеано над 50.000 стиха на српски и црногорски јазик.
Претставувањето во Котор донесе факти и за Црногорците во Охрид и нивното населување забележано уште во 1920 година. Нивната сплотеност, организираност и учество во јавниот и општествено – културниот живот на градот. Беа презентирани и неколкуте изданија кои ги поседува библиотеката од познатата поема „Горски венец“ од Петар Петровиќ – Његош.Публиката преку шест куси видеа го запозна Охрид како важен културен и туристички центар, а посебен акцент беше ставен на врските меѓу двата збратимени града – Охрид и Котор, кои се на листата на заштитеното светско наследство на УНЕСКО.

OhridNews












