Во рамки на манифестацијата ЛУНУС во КИЦ „Култура 365“ во Охрид се одржа средба со Тоде Илиевски. Воведно претставување даде Мишо Јузмески, а за карактеристиките на поетскиот израз на Илиевски говореше Славе Ѓорѓо Димоски. Со свои дискусии се надоврзаа присутните кои зборуваа за искуствата од соработката со Тоде Илиевски.

Тоде Илиевски е поет, писател за деца и млади, сатиричар, хуморист, преведувач, енигматичар и шаховски проблемист. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1994 година. Учествувал во работата на редакциите на „Јужен бран“, „Спизалит“, „Радосна вест“ и „Копнежи“, а бил главен и одговорен уредник на енигматските забавници „Клуч“ и „Ѕуница“. Одделни песни му се препеани на други јазици. Застапуван е во антологии, избори и учебници.

Автор е на книгите: „Ведро едро“ (поезија за деца, 1990), „Концерт за шумите“ (поезија, 1992), „Изворите во горите“ (поезија за деца, 1999), „Зелен блен“ (поезија, 2001), „8X8 by Tode Ilievski – 64 selected problems 1977 – 2002“ (шаховски проблеми, 2002), „Лов на Лебедовото Езеро“ (поезија, 2008), „Приватните библиотеки во Охрид и Охридско“ (лексикон на приватни библиотеки во коавторство со Виолета Мартиновска, 2008), „Липов чај“ (поезија за деца, 2009) и „Ќерката на поетот“ (поезија, 2011).

Во рамките на ЛУНУС, на 9 јули со почеток во 20.30 часот во „Култура 365“ ќе се одржи средба со писателот Мирко Томоски.

OhridNews