Традиционално, кај малата црква на брегот на Охридското Езеро во Лагадин, денес,  се одбележа празникот посветен на маченичките Љубов, Вера и Надеж и нивната мајка Софија.

Бројните верници присуствуваа на литургијата, при што се светеше вода и погача,по што верниците палеа свеќи во чест на празникот во црквичката која  пред 16 години ја изгради охриѓанецот Љупчо Патче по повод 2000 години од Христијанството.

Како што истакнаа црковните лица верниците треба да го следат примерот на мајката Софија и своите деца да ги воспитуваат  во духот на православната вера.

Денес ние овде со молитва го прославивме празникот посветен на Света Софија, мудрата мајка и нејзините три ќерки Вера, Надеж и Љубов, таа како мајка им дала на своите ќерки имиња според верата, надежта и љубовта што претставува поука за сите нас, не само за празниците да се собираме и да прославуваме со храна и пиење туку да празнуваме со молитва, а потоа да се поучуваме од празникот и да даваме имиња од историјата на Христијанството, беше истакнато на собирот.

Како и секоја година ктиторот на црквата во Лагадин собраните средства од празникот ги донира во хуманитарни цели.

OhridNews