Околу 7.000 различни пиротехнички средства, се пронајдени и одземени во охридското село Лескоец во рамки на вчерашната акција на СВР Охрид. Еден дел од пронајдените пиротехнички средства се петардите т.н. пиратки додека останатиот дел се од видот „Магнум“ и „Силвер крекер“. Исто така запленети се и петарди во форма на бомба.
Според полициското соопштение, петардите кои биле наменети за понатамошна продажба се пронајдени вчера во 15 часот и 30 минути при претрес во магацински простор на кафетерија лоцирана во селото Лескоец. Против лицето кај кое се пронајдени петардите е поднесена кривична пријава за „Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”.
Во пресрет на Новогодишните празници, Секторот за внатрешни работи Охрид врши интензивни и засилени контроли на физички и правни лица со цел пронаоѓање пиротехнички производи, кои во Република Македонија, и покрај забраната за нивна употреба, неовластено се продаваат во продавници, пазари и на други јавни места. Пред два дена, во две одвоени акции на пазарот во Струга беа одземени вкупно 4.212 различни пиротехнички средства.
OhridNews