Локалната самоуправа денес ќе ја разгледува документацијата поднесена од страна на Дебарско- кичевската епархија околу изградбата на објектите во комплексот Свети Наум , како и извештајот по извршениот увид на лице место од страна на општинскиот инспекторат, информира градоначалникот Бакрачески. Притоа, градоначалникот потенцира дека не гледа никакви пречки или проблеми во однос на зафатите за уредување на комплексот кои се преземаат од страна на Дебарско- кичевската епархија, но дека законот мора да се почитува.  

Јас лично не гледам некаков проблем околу она што во јавноста бомбастично беше кажано, но сметам дека сите активности законски ќе бидат покриени  и дека документацијата ќе биде комплетирана, по што ќе може манастирскиот комплекс непречено да функционира, изјави Бакрачески.

Градоначалникот рече дека откако во секторот за урбанизам ќе се разгледа целокупната документација , ќе се изврши проверка на усогласеноста меѓу она што се спроведува како градежни активности и она што го налага законската регулатива, по што ќе биде донесене конечна одлука за тоа како понатаму ќе се постапува.

Т.К.